За Нас

Иницијативата за создавање на Локална акциска група на територијата на општините Богданци, Валандово, Гевгелија и Дојран започна уште во Декември 2013 година, за време на работилницата „ЛЕАДЕР –идна ИПАРД мерка во Република Македонија“ која беше  организирана од страна на Мрежата за рурален развој и Центарот за развој на југоисточен плански регион. Следуваа неколку неформални средби помеѓу иницијаторите за формирање на групата, а првата официјална средба реше реализирана на 08 Јануари 2015 година во општина Богданци. „Сметаме дека во овој подготвителен период треба да го искористиме за да создадеме услови да се вклучиме во подготовките за успешен настап пред надлежното Министерство во напорите за регистрација и акредитација на ЛАГ од територијата на нашите општини“ изјавија учесниците на оваа средба и испратија писмо до градоначалниците за да ги запознаат со превземената иницијатива. На почетокот на 2016 година,  како дел од проектот „Адаптација на земјоделството кон климатските промени“, кој што го реализира Мрежата за рурален развој на Република Македонија  поддржан од страна на  (УСАИД) – Американската агенција за меѓународен развој, се реализира информативна работилница, на која беа поканети клучните чинители од јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор од четирите општини.

На оваа работилница се афирмира EU LEADER  пристапот, со цел да се подобри  знаењето и можностите во делот на планирањето во процесите на носењето одлуки од важност за заедницата за постигнување на стратешките цели. Инаку, ЛЕАДЕР пристапот претставува уникатна можност за заедничко унапредување на руралниот развој во регионот и тоа  со локална подршка. Иницијативите на ЛЕАДЕР  („Врски помеѓу  активностите за развој на руралната економија“) за поттикнување и остварување на локалниот развој на руралната економија се со огромно искуство и тоа во рамките  на Европската Унија, почнувајќи од 1989 година.

Во периодот Февруари – Јуни 2016 година се реализираа низа работилници каде што интензивно се работеше на подготвителните активности, т.е. на мобилизација и обука на учесниците во процесот како дел од процесот на формулирање на стратегија базирана на територија.  Учесниците го утврдуваа профилот на општините опфатени во територијата на ЛАГ-от, вршеа анализа на слабите и јаките страни, се утврдуваа можностите и заканите. Понатаму, со метод на постигнување консензус се утврдија името, визијата, мисијата, стратешките и развојните цели како и потенцијалините програми и проекти кои ги артикулираат основните потреби и насоки на руралниот развој на територијата на општините Богданци, Гевгелија, Валандово и Дојран.